Секоја генерација има своја битка. За илинденците тоа беше ослободувањето од ропство. За асномците тоа беше борбата против фашизмот. За комунистите, тоа беше транзицијата па демократизацијата. За генерацијата на демократи тоа беше и е европеизацијата. Но веќе има и нова генерација „милениумци“ која живее преку дигитализацијата, а за сите нас тоа неминовно станува нова и итна одредница. Нов концепт на секојдневие. Нов начин на функционирање.
И токму претставници од таа нова генерација, Македонската Counter Strike: Global Offensive репрезентација како шампион се враќа од Светското E-Sport првенство кое се одржува во Израел.
Тимот на Bluejays во состав: Јане „aidKiT“ Апостолоски, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски, Александар „CacaNito“ Ќулукоски, Павле „stYleEeZ“ Стојановски и Кристијан „fodor“ Поповски, кој ја преставуваше Македонија на Светското првенство во Ејлат во финалето со 2 : 0 го совлада романскиот претставник. Ова е истиот тим кој неодамна нè израдува и со првото место на Европскиот куп на нации во Counter Strike: Global Offensive.
Во условите на функционирање во дигиталниот свет, иако веќе сме во задоцнетиот воз, не сме за фрлање. Иако во овој свет на „Формула 1” влегуваме со фиќо мора да сфативме дека дигитализацијата е повеќе од потребна, а не заговор. За долгорочно да ги црпиме придобивките и да ги јадеме плодовите од овој процес потребно ни е пред се да сфатиме дека дигитализацијата не е друга орбита, дека дигитализациајта не е машината за пишување или тетрисот од детство. Но дигитализацијата не е и само безделничарско листање на facebook, youtube, instagram или tiktok.
Според Извештајот за човечки развој на УНДП и преку Пандемијата што ни се случи ја видовме важноста на технологијата. Дигиталната трансформација на светот стана потреба за неодложно дејствување.
Новите или поевтините технологии ги направија геопросторните податоци подостапни. На Малдивите, УНДП користи беспилотни летала за да ги мапира ризиците од катастрофа.
Во Перу се користат просторни податоци за да се идентификува начин за управувањето со шумите помеѓу домородните групи и владата.
Сателитските податоци исто така можат да се користат за развој на програми за да се следат врнежите. Ова може да ја подобри еластичноста и егзистенцијата на многу земјоделци во земјите во развој.
Иновативни механизми се појавуваат во fintech, вклучително и GCash Forest Platform поддржана од Иницијативата за финансирање на биодиверзитетот на UNDP на Филипините. Луѓето се пријавуваат на апликација и собираат поени за одржливи активности, како што се намалување на сметките на хартија или купување органски производи.
Во Либан, AltFinLab на УНДП пилотираше крипто валута наречена Cedar Coin. За секоја купена паричка се засадува дрво. Овие се природни видови, и секој вид кедар има своја цена. Специфичните дрвја се регистрираат во книга со користење блокчејн.
Помалите и поевтини сензори овозможуваат собирање податоци во животна средина во реално време и ефикасно управување со ресурсите.
Кај нас дигитализацијата стана најмногу актуелна со ширењето лажни вести за изборите во САД, кога светот слушна дека тинејџери од мојов град, Велес заработуваат милиони евра. Па стотици новинари од угледни светски медиумски куќи дотрчаа за да направат ексклузивни стории, а Белата Куќа и Сенатот дискутираа што се случува таму некаде во град кој сигурно едвај го пронајдоа на мапата. Како дополнување на ова, други дигитализацијата ја сфатија како копање на Биткоин преку крадење на струја, а трети дигитализацијата ја сватија дека е добро да ја има, но компутерот во канцеларијата ќе биде за декор, а хартија си е хартија. За таков банален пример би го споменал примерот со регистрацијата на странски гости. Хотелите иако електронски може да ги внесат податоците за гостите, тие мора картончето да го однесат до МВР. Агенцијата за поддршка на туризмот оваа ситуација со години си ја премолчува, МВР на тоа си клима со главата, па нели хартија си е хартија.
За да ги искористиме придобивките од технологијата, сепак треба да ги разбереме основните работи и тоа дека 3,6 милијарди луѓе се уште не се поврзани, од кои мнозинството од тие луѓе се во земјите во развој. Кај нас исто така бројот на луѓе кои немаат пристап до компјутер, паметен телефон или интернет е голем. Затоа треба да најдеме модели за ИТ достапност со 100%, одржливо финансирање на скапа технологија, како што се сателитските снимки, и мора да инвестираме во локални мрежи за да ги негуваме иновациите, како и обуките за градење на вештини, така што луѓето во земјите во развој не само што ќе ја користат достапната технологија, туку ќе иновираат локално. Затоа што не знаеме во кој регион, град или село се наоѓа нов изумител. На пример на хакатон за млади во Руанда е предложена употреба на нови технологии за пренос на сензорски податоци од оддалечени области без покриеност на Интернет до најблиската интернет-точка.
Дигиталната ера е новата реалност без разлика дали тоа им се допаѓа на луѓето или не. Светот стои на раскрсница. Во интерес на целото човештво е да тргне по патот кон одржливост. Дигиталната технологија може да не однесе таму – подобро и побрзо од кога и да било порано – ако ја насочиме во вистинската насока.
За младите луѓе едно време се употребуваа термините Генерација – „X“ и Генерација – „Y“. Во денешно време актуелна е кованицата „милениумци“, бидејќи тие се родени во годините пред и по настапувањето на новото илјадалетие. Младата генерација денес се нарекува и „постојано вклучена“, бидејќи се во постојан контакт меѓу себе преку мобилните телефони и други направи.
Универзитетот Илон од Северна Каролина објави студија за „милениумците“ и нивната иднина. Резултатите покажуваат дека младите денес се хипер-поврзани. Тоа може да биде добро, но и лошо за нивната иднина.
Добрата страна е што „милениумците“ се остроумни, брзи и способни да извршуваат неколку задачи истовремено; на проблемите им пристапуваат со свежа глава и имаат речиси волшебна способност брзо да процесираат низ информациите, увидувајќи што е битно, а што не е.
Но, стручњаците ја наведуваат и лошата страна: стравуваат дека „постојано вклучената“ генерација е наклонета кон инстант-задоволство и брзи решенија за проблемите, дека лесно го губи трпението и дека и` недостига капацитет за подлабоко размислување. Ваквите констатации најверојатно нема да ги изненадат родителите на „милениумците“, кои од прва рака знаат за молскавичната брзина со која пребаруваат по Интернет, комуницираат, реагираат…
Додека старите и новите сфаќања на светот се спротивставуваат во сфаќањата на идеалистите последните истражувања покажуваат дека „милениумската“ генерација брои околу 80 милиони млади луѓе и дека влијанието на оваа генерација константно бележи раст. Милениумската генерација до 2030 година ќе ја надмине генерацијата на бејби-бумери (во бејби-бумери се вбројуваат родените помеѓу 1946–1964 година). Тоа ги прави потполно доминантни во светот во кој третата најголема држава на светот е Фејсбук.
Наспроти стереотипите дека милениумската генерација е мрзлива и неангажирана, милениумците се екстермно оптимисти во врска со можностите за бизнис и влијанието на глобалните промени. Тие побрзо од било која друга генерација би ги прикажале своите мислења и искуства online и би допринеле на тој начин. Дури 60% од милениумците го поминуваат времето оценувајќи ги производите и услугите, поставуваат видеа, слики и пишуваат блогови.
За милениумската генерација, експерт не мора да биде некој кој задолжително поседува кредибилитет, некогаш по внимателно би го слушнале мислењето на личност која има искуство од прва рака. Crowd-sourcing-от е популарен меѓу оваа генерација, а повеќе од половина милениумци изјавиле дека ги истражуваат брендовите преку социјалните медиуми.
Некои од прашањата кои милениумците ги поставуваат на интернет, а според истражувањето на Mashable на група испитаници од 18 до 35 година се: Како да сварам јајце? Како да ја врзам вратоврската? Тие се максимално свртени кон користење на социјалните мрежи во се. Секогаш се во брзање, раснат, созреваат во дигиталното опкружување кое за нив е природно.
Еве неколку од нивните карактеристики:
▪ Во поглед со технологијата: Пораснати се со технологија. Тие буквално секојдневно и постојано ја користат за да ја завршат подобро својата работа.
▪ Во поглед на ориентираност на семејството: Имаат различна визија за очекувањата на работното место и особено му даваат приоритет на семејството.
▪ Ориентираност на постигнувањата: Милениумците се сигурни, амбициозни, ориентирани на постигнувања и бараат предизвици во работењето. Имаат високи очекувања од нивните работодавци, сакаат работа што ги исполнува и каде може да учат.
▪ Тимски ориентираност: Тие ја вреднуваат тимската работа и бараат соработка и потврда од другите. Тие се лојални, посветени и сакаат да бидат вклучени во проектите.
▪ Желба за внимание: Тие постојано бараат повратна информација и да бидат водени. Често бараат пофалби. Може да имаат голема придобивка од ментори, кои можат да ги водат и да ја развиваат нивната кариера.
Во таа насока, новите трендови диктираат и потреба за образовен кадар кој поседува модерни знаења и вештини. Отворање на дигитални работни места кои, пред сè, ги задржуваат и се привлечни за младите високообразовани кадри и општо за младите, потоа работни места кои имаат влијание и на севкупниот економски развој на земјата, генерираат поголема додадена вредност, потрошувачка и извоз, како и поттикнување на иновациите. Дополнително, и во стратегија на Европска Унија дигитализацијата е високо на агендата, со особен акцент на земјите од Западен Балкан и процесот на интеграција. Затоа би рекол за крај, што побрзо го реализираме концептот на дигитализацијата на целата држава и процесите, толку подобро за сите нас.
Што побрзо ги дигитализираме институциите и процесите и ја отвориме државата за влез на пари преку оваа сфера и олеснувачки и повластени услови за сите во дигиталниот свет, толку подобро ќе го канализираме младешкиот талент на милениумците во добробит, па истите не ќе мора да трагаат по работа како келнери, таму некаде по светот, туку ќе можат парите да ги прават глобално, а да ги трошат локално.