Медиумскиот мрак во Велес – време е за нова светлина
Велес, некогаш симбол на новинарска живост и гласност, денес тивко тоне во медиумски мрак. Порано, на секоја прес-конференција присуствуваа по дваесетина новинари – денес, едвај двајца доаѓаат. Локалните телевизии се згаснати, а единствените две локални радиостаници опстојуваат со големи финансиски потешкотии. Само две локални интернет страници функционираат, и тоа со по еден вработен – недоволно за да се следи, анализира и реагира на случувањата во градот.
Недостигот од професионални локални медиуми значи и недостаток на критичко мислење, влијание врз јавноста и притисок врз институциите. Партиските вработувања, спортката стагнација, ограничените можности за младите и граѓанските организации, еколошките хаварии што зачестија во последните години, како и културниот живот што се сведува на аматерски настани без покритие, се симптоми на оваа медиумска празнина.
Сето тоа се одвива во услови каде медиумскиот простор е или мртов или целосно контролиран од политичките центри на моќ.
Неопходно е да се отвори можност за создавање на нови, независни, дигитални медиуми, кои ќе ја вратат критичната маса и ќе им дадат глас на младите, на граѓаните, на вистината. Велес заслужува нова медиумска енергија – за да се слушне, види и разбере она што реално се случува.
Градот Велес стекна глобална препознатливост како „фабрика за лажни вести“ поради активноста на групи млади кои за време на изборите во САД објавуваа дезинформации преку бројни веб-страници. Овој феномен го сврте вниманието на светот, но и откри една важна реалност – младите во Велес имаат дигитални вештини, но истите често се користат за финансиска добивка на сметка на етичко и општествено одговорно однесување.
Во отсуство на локални професионални медиуми и едукативни програми за медиумска писменост, младите остануваат ранливи на лажни информации и манипулативни платформи. Воедно, нема доволно можности за младите да се изразуваат, да учествуваат во јавниот дискурс и да креираат содржини кои се од значење за нивната заедница.
ИМПАКТ МЕДИА има за цел:
* Да ја насочи енергијата, креативноста и техничките вештини на младите во Велес кон продуктивна и општествено одговорна насока.
* Да спречи повторно користење на младинскиот дигитален потенцијал за создавање на лажни вести, преку изградба на етички стандарди и медиумски знаења.
* Да обезбеди платформа и поддршка за младинско информирање, морална и етичка критика и критичко размислување и активно граѓанско учество.
* Да создаде континуирана младинска редакција која ќе биде отворена за нови генерации и ќе обезбедува одржлив развој на локално медиумско известување.
Проектот истовремено ги адресира и глобалните предизвици поврзани со дезинформациите и го става Велес на нова мапа – како пример за трансформација од лажни вести кон автентично младинско новинарство и медиумска одговорност.